По речиси два месеци откако на 14-ти октомври беше потпишан договор со фирма изведувач, реконструкцијата на кровот на струшката болница за дијализа никако да започне. Од болницата велат дека материјал за работа не е донесен, просторот не е ограден, нема ниту работници, а министерот Венко Филипче тврди дека работници веќе имало.
Во изјава за медиумите Филипче вели – „Колку што јас имам информација, веќе има некои работници кои прават првични проценки. Верувам дека во периодот кој следи поинтензивно ќе се работи бидејќи рокот за изведба е шест месеци“.
И додека одговорните зборуваат различно за една иста работа, во болницата и понатаму и при најмали врнежи од дожд прокапува. Деветте најкритични соби се затворени, а пациентите се згрижуваат во други соби.
Директорот на центарот за дијализа Струга, Александар Попоски, вели дека се надева на најбрз можен почеток, реновирање на најзагрозените делови и комплетирање на работата. Во меѓувреме се снаоѓаат и ја контролираат моменталната состојба.
За сега нема ништо од најавите на актуелната локална и централна власт за изградба на нова општа болница во Струга. Објектите на постоечката болница се во лоша состојба, како и просторните услови. И во двете струшки болници, не само што се лекуваат жителите на струшкиот регион кој покрива територија од околу 60.000 граѓани, туку доаѓаат пациенти од целиот југозападен дел на државата и од Албанија.