Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и Коалицијата „За Обнова на Македонија“ на денешната седница на Советот на Град Скопје предложи точка на дневен ред за пренамена на средствата наменети за ангажирањето на Дино Мерлин за новогодишната ноќ и истите да се донираат за хумани цели.

Шилегов и мнозинството советници на СДСМ гласаше против средствата да се доделат за хумани цели.

-Предлагаме да се дадат во хуманитарни цели односно да се донираат средствата определени за настапот за новогодишната вечер на Плоштадот „Македонија“. Во 2017 година кога градоначалникот беше именуван за градоначалник на градот Скопје ја предложи истата точка на дневен ред и колегите од позиција и колегите од опозиција сметавме дека навистина парите предвидени за новогодишна прослава треба да одат во хуманитарни цели, изјави советничката на ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ и додаде:

„Сметаме дека и оваа година средствата кои што се обезбедени од околу 100.000 евра од спонзори и треба да одат на конто на Дино Мерлин треба да завршат во хуманитарни цели односно да бидат донирани.
На овој начин ние како советници ќе докажеме дека сумата која што е издвоена за новогодишната прослава односно 260.000 евра за новогодишно украсување е веќе реализирано, меѓутоа сумата од плус 100.000 евра треба да заврши токму на оние на кои што најмногу им е потребна“.