Денес ВМРО-ДПМНЕ упати соопштение до јавноста кое претставува реакција на изјавата на претседателот на Комисијата за економија од редовите на СДС, Кирил Колемишевски. Тој во својата изјава зборуваше за успешноста на мерките за поддршка на македонското стопанство, но и на граѓаните со што би се овозможило раздвижување на македонската економија и промоција на домашните производи и услуги. Оттука од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека додека СДС се фали со успешноста, илјадници граѓани не знаат како ќе го поминат месецот бидејќи околу 15 000 од нив за три месеци ги загубија работните места.

– Додека СДСМ се фали со „успешноста“ на своите мерки за поддршка на македонското стопанство, илјадници наши сограѓани не знаат како ќе го поминат месецот бидејќи се оставени без приходи.За три месеци 15 илјади наши сограѓани ги загубија своите работни места и оставени се без извор на егзистенција. Според анализите на Бизнис конфедерацијата македонските граѓани допрва ги очекува економска катаклизма. Нивните анализи велат дека на околу 50 илјади граѓани работното место им виси на конец и им се заканува отказ во наредниот период.

– Бизнис секторот континуирано апелира за помош од државата, мерките кои се превземени ниту се навремени ниту се доволни. 99 проценти од македонските компании се директно засегнати од кризата, а околу 49 проценти од компаниите имаат намалени приходи дури за 80 проценти.

– Фактите говорат дека Македонија се соочува како со здравствена така и со економска катаклизма. Стопанствениците како и граѓаните се оставени сами на себе. Нашите сограѓани буквално со своите животи ја плаќаат неспособноста на власта, а Владата на СДСМ наместо да ги заштити работните места со своите постапки и „мерки“ стимулира отпуштање во приватниот сектор. Казната за неспособноста, расипништвото и негрижата следува на следните парламентарни избори.