Владата поднесе предлог-одлука до Собранието со која бара кризната состојба на границите да биде продолжена од 30 јуни, на 31 декември, бидејќи како што стои во образложението, е зголемен обемот на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија.

Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, а на пленарна седница е ставена на 21 мај.

„Со цел да се обезбеди конинуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница, Владата на Република Македонија заклучи да побара од Собранието на Република Македонија да ја донесе Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и да го одобри продолжувањето на рокот за справување со кризната состојба, во времетраење до 31 декември 2018 година“, се вели во предлог-одлуката.