Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за здравство, на која се разгледуваа законските измени за употребата на канабис за медицински цели изнесе ставови кои беа зачудувачки за повеќето пратеници, меѓу кои и независниот пратеник Сашо Василевски, кој беше избран од нивните редови.
Пратеникот на опозициската партија, Ванковер Манчев обидувајќи се да ја измести сликата во јавноста за носење на законот кој ја реуглира употребата на канабисот во медицински цели, ги обвини фирмите за канабис дека се дивоградби.
„Најголем бенефит ќе имаат четириесетина фирми кои извадиле дозвола без да постои закон. Овие фирми се дивоградби. Најкоректно е да почекаме со овој закон. Не можеме ни да предвидиме што ќе донесе овој закон“, рече Манчев.
Зачуден од зборовите на Манчев, пратеникот од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Сашо Василевски нагласи дека фирмите лиценците ги добиле според постоечкиот закон донесен во 2016 година, потсетувајќи дека тие фирми носат профит и за државата.
„Екстрактите од канабиоидите се сѐ покористени. Ако не го гласаме сега, ние сме таква држава што секоја година имаме избори. Јас ќе го поддржам законот, но ќе пдонесам бројни амандмани. Ќе гласам за законот ако се прифатат моите амандмани. Над 80 милиони евра вложиле тие компании кои сега се отворени во земјава“, рече Василевски.
За збор се јави и пратеникот на опозициската партија, Горан Манојлоски, кој во јавноста сакаше да ја наметне тезата дека наводно предлог законот за кој фирмите за канабис бараа да биде донесен бил само за извоз на цвет, а не за дорегулација на употребата на канабисот за медицински цели.
Законот го образложуваше министерот за здравство, Венко Филипче, кој кажа дека
„Со Законот ќе се разграничи употребата за медицински цели од употребата за рекреативни цели, ќе се основа агенција за контрола, ќе се уреди начинот на рекламирање на канабисот. Одобрение до сега во Република Северна Македонија по претходна добиена согласност од Владата имаат добиено четириесетина фирми. Со новиот предлог закон се овомозжува извоз на сув цвет, со што ќе можат да ги пласираат на пазарите во Европа. Дополнителни делови кои се менуваат е потреба за гаранција во денарска противвредност од 300.000 евра за секој кој ќе аплицира“, рече министерот Филипче.