Германија постави нов позитивен рекорд во однос бројот на луѓе вакцинирани против Ковид-19. Во текот на еден ден германците успеале да вакцинираат 1,1 милион луѓе што е прв пат во рок од 24 часа, истакна денес германскиот министер за здравство Јенс Шпан.

– Со 1,089 милиони дози инјектирани вчера во Германија, најголемата европска економија имунизира повеќе од еден процент од своето население првпат во рок од 24 часа, изјави Шпан. Тој додаде и дека ваквиот начин на работа покажува дека работат со голема брзина во ек на кампањата за вакцинација на населението.

Досега само Кина, Индија и САД успеаја да ја надминат оваа дневна бројка. Во Европа, Велика Британија претходно го држеше рекордот според најголем број вакцинации за едно деноноќие – со 874.000 дози дадени на 20 март.

Вкупно 21,6 милиони луѓе или 25,9 проценти од населението во Германија, примиле барем една доза на вакцина против Ковид-19.