Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје има 3 хоспитализирани нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 51 лице сомнително и потврдено за Ковид 19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град.

Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември исто така немало примени пациенти, и 3 нови заболени се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 7 оздравени пациенти.

Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 7 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 16 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 28 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.