Има се повеќе информации дека блиски луѓе до Зоран Заев и Венко Филипче пред година ипол биле во една европска престолнина, каде се сретнале со претставник на фирма заинтересирана за изградба на Клиничкиот центар и разговарале за провизии, дали е тоа точно? Заев и Филипче да одговорат и да кажат, дали и кого пратиле да разговара за провизии при изградба на Клиничкиот центар за кој сакаат да потрошат половина милијарда евра народни пари? Заев и Филипче да кажат доколку ова е вистина, колку пари се барани и во чии џебови тие требало да завршат, изјави на денешната прес конференција за медиумите, Оливер Зафировски член на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека ова е дотолку посимптоматично ако се земе фактот дека идентичен Клинички центар во Белград, исто така со 1000 кревети, 20 операциони сали ќе чини 125 милиони евра, односно 400 милиони евра помалку.

– Што е поразлично во Македонија од Србија? Да, еден ист објект чини 5 пати поскапо. Единствената разлика е во тоа што Македонија го има Заев за премиер и Венко Филипче за министер за здравство. Дополнително треба да се каже дека таквиот Клинички центар во Белград ќе опслужува околу 7 милиони жители, додека планираниот во Скопје само 2 милиони. Доколку Заев и Филипче сакаат Македонија да добие модерен Клинички центар, тие немаше да го раскинат договорот за градба на Клиничкиот центар Мајка Тереза, кој ќе значеше темелно реновирање на сите постоечките клиники и изградба на нови објекти за само 120 милиони евра, што беа обезбедени од Европска Банка, а имаше и проектна документација. Дополнително ќе го довршеа и Клиничкиот центар во Штип, кој веќе 4 години е карабина, посочи Зафировски.

Тој тврди дека здравјето и здравствената инфраструктура не се приоритет, и затоа нема Клинички центар, и се ставаат на маса понуди со мегаломански суми кои треба да донесат профит за нечиј џеб.

– 4 години власт на Заев, 4 години уништено здравство, 4 години украден живот. Доста е, додаде Зафировски.