За коронавирусот нема лек, исто како што нема и за обична настинка. Но, деновиве секако е актуелно и прашањето каков третман добиваат луѓето што се заразени од коронавирусот и колку е тој ефикасен?

Вирусот наречен „2019-nCoV“ досега уби 170 луѓе во Кина и зарази повеќе од 7.000. Болеста се шири и во 16 други земји.

Станува збор за новоидентификуван член на семејството коронавируси – вообичаени инфекции што предизвикуваат симптоми слични на настинка, температура, кашлица и респираторни проблеми. Многу луѓе што ќе се заразат од овој нов вирус ќе имаат само благи симптоми и се очекува повеќето целосно да закрепнат. Но, како САРС (исто така коронавирус) и грипот, овој нов се чини дека претставува посебен ризик за старите лица и за оние што имале претходни болести.


Пациентите, пак, кои што се примени во болница им се дава третман за симптомите, додека нивниот имунолошки систем се обидува да се бори со вирусот.  Хоспитализацијата исто така служи за изолирање на пациентите и спречување ширење на вирусот, вели професорот Џонатан Бол, виролог на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Кај тешки случаи вирусот може да предизвика пневмонија – воспаление на белите дробови. На пациентите им се дава кислород, а во најлош случај може да треба да им се стави вентилатор. Околу еден од четири случаи се смета за сериозен.

Во поблаги случаи, на пациентите што се борат да го одржат крвниот притисок може да им биде дадена инфузија. Се даваат течности во случај на дијареја и ибупрофен за олеснување на болката.

Занг Дингји, шеф на болницата во Вухан, изјави дека пациентите што закрепнале од болеста се во добра состојба. Дел од нив може да имаат проблеми со белите дробови, но докторот е оптимист дека ќе закрепнат.

Постојат напори за развивање вакцина, но реално може да поминат години пред да се развие. Секоја вакцина прво треба да биде докажана дека е ефикасна и безбедна кај животните, а потоа кај луѓето пред да биде лиценцирана. Пред да биде некој вакциниран, треба да биде одобрено од Светската здравствена организација. Теоретски, може да има вакцина за една или две години, но дефинитивно не во наредните шест месеци – вели професор Бол.