Вицепремиерката Мила Царовска нема поим за јавната тајна дека работниците враќаат дел од минималната плата во голем дел од државата. Такви информации немало, тврди Царовска.

-Засега добро тече исплатата на покачената минимална плата на 14.500 денари и тоа е поврзано со мерката за субвенционирање на раст на плати. Сигурна сум дека доколку имаме целосен мандат од четири години ќе постигнеме минимална плата од 16.000 денари, тврди денеска предизборно вицепремиерката.

-Во суштина со мерката за субвенционирање на раст на плати работодавачите порано ги покачија платите и ја постигнаа минималната плата. До мене не е стигната информација дека некој не ја исплаќа минималната плата и засега нема одредена реакција од здруженијата и синдикатите. Имав завчера состанок со стопанските комори и сите синдикати и вакво прашање не беше отворено. Сепак, не можеме да очекуваме 100-процентна реализација на која и да е мерка во државата, но досега не е подигнат аларм. Ако има такво нешто сакам веднаш да се согледа и да се реагира од Трудовиот инспекторат, рече Царовска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Од друга страна, додека Царовска тврди дека нема поим за такво нешто, на социјалните мрежи врие од вакви податоци, особено во источниот дел од земјата, каде јавна тајна е дека работниците се принудени на работодавачите да им враќаат дел од платата за да останат на работа.

Факт е дека работниците се плашат да пријават, но власта треба да стори и нешто за да го истражи тоа, секако, доколку газдите на фабриките не се нивни финансиери.

Сепак, ваква информација до сега на дошла до Мила Царовска, социоогот кој сега е вицепремиер за економија и која денеска оддржа промотивен, преизборен прес за големите економски успеси на оваа влада.