По објавување на информацијата дека викендов во Бугарија е отворена истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери отпад од компанијата „Блацион“ ООД во сопственост на Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла“, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека Градот Скопје не е орган кој на каков било начин е поврзан со увоз на отпад. Прашањето е за Царинската управа, а она што го има како информација е дека легално не е внесен отпад во „Дрисла“.
Шилегов потенцира дека нема сознанија дали депонијата има дозвола од 2016 година да депонира опасен отпад, но рече дека сепак тоа е нешто што сака да се провери. Како што јавија бугарските медиуми завчера, обвинителството на Бугарија започнало истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад во пристаништето во Бургас од страна на компанијата „Блацион“ ООД, при што е утврдено дека содржината на отпадот се разликува од она што е декларирано на царинскиот документ.
Игнатов истакна дека во земјата никогаш не бил увезен каков било отпад, бидејќи нема дозволи за тоа и дека тоа го работеле само во соседна Бугарија. А Директорот на Депонијата „Дрисла“, Ангелов, посочи дека не е вистина она што се наведува во бугарските медиуми и оти отпадот, доколку добие дозвола ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија.
Градоначалникот на Град Скопје обелодени дека најголем увозник на отпад во Македонија е фирмата Макстил и изјави дека не станува збор за отпад што се депонира, туку за отпад што се користи во индустриски цели. Тој додаде и дека денеска новиот директор на Дрисла, ја презел функцијата вршител на должност на депонијата Дрисла.
– Според информациите со кои располагаме, опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, вели градоначалникот Шилегов, но сепак додава дека тоа треба да се провери и ги повикува и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.
Според него, ако нешто е добро во таа работа е што се однесува на соседна држава, а не се однесува на градот Скопје, но истакнува дека не може да биде исклучив во ниту еден одговор на таа тема и ги повика и надлежните институции по преземањето на Дрисла и граѓанските асоцијации, кои имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности да ги разменат за да се дојде до фактичката состојба.
Еко здруженијата упатија барање да се забрани секаков увоз на отпад кој ќе служи како извор на енергија. Во македонското собрание иницијативата за измени во законот се најде на дневен ред, но пратениците се уште не стигнале да гласаат за забрана на увоз на отпад за согорување.
И покрај се, Скопје останува еден од најзагадените градови и ги руши рекордите во загаденост. Бројот на белодробни заболувања се зголемува, а хроничните болни остануваат затворени во домовите поради аерозагадувањето. Еко-здруженијата секојдневно протестираат и укажуваат на опасностите, а граѓаните стануваат се позагрижени и размислуваат за напуштање на државата бидејќи системот не функционира. Дали и овој пат, одлуката на Петре Шилегов, Дрисла да стане јавно претпријатие ќе вроди со плод и ќе допринесе во намалување на аерозагадувањето или ќе биде уште една мерка која ќе стои само на хартија, здравјето на луѓето и чистиот воздух треба да бидат приоритет, а не личните интереси и богатења. – се само дел од прашањата и ставовите на граѓаните по социјалните медиуми.