67 годишен жител од крушевско село се бори за живот на Клиниката за инфективни болести поради компликации од грипот, приклучен на апарати за дишење. На Инфективна болнички третираат уше десетина пациенти со пневмонии како последица на вирусот. Епидемиолозите предупредуваат дека заразата зема замав.
– Минатата недела веќе имаме над илјада заболени што е двојно повеќе од претходно а од 40 примероци испратени во лабораторија, кај половината е потврден грип, вели др. Владимир Микиќ епидемиолог во ИЈЗ.
Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа премаленост, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење на очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите овие симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии, тој процент се движи од 20 до 30 отсто) или, пак, со благи симптоми на настинка.
Во ретки случаи доаѓа до развој на компликации, особено кај оние лица кои имаат слаб имунитет.
Лекарите потсетуваат дека грипот е вирус, а на вирусите не дејствуваат антибиотици. Затоа при заболувањето треба да се слушаат лекарите кои всушност и ја одредуваат терапијата и за децата и за возрасните.
И додека болниците се полни со грипосани, закана за светот е и смртоносниот корона вирус од кој во Кина досега има 9 починати и над 500 заболени. Превентивно Комисијата за заразни болести денеска заклучиле дека засега нема да ја стават во функција термалната камера туку само ќе има информативни материјали на скопскиот аеродром за патниците.
– Оние кои би оделе во Кина, за да се заштитат, да не одат на пазари каде има жива стока, да не бидат во контакт со заболени, а оние кои се враќаат и доколку имаат симптоми треба да знаат каде да побараат помош, вели др. Микиќ.
Инаку, во сезоната 2019/2020 (по појавата на првиот случај пред истекот на минатата година) вкупниот број на случаи на заболени од грип изнесува 1.035.