Што си кажувате во моментите кога вашата депресија ќе ги покаже забите? Веројатно ништо позитивно.

Оние кои се соочиле со депресија многу добро знаат дека може да биде навистина тешко да излезете од нејзините канџи.

За да си ја подобрите состојбата дефинитивно ќе треба повеќе од позитивни зборови, но, во најтешките моменти, токму тие можат да ви помогнат.

Можеби ви изгледа невозможно да помислите на што било позитивно во тој момент, но следниот пат кога ќе се чувствувате безнадежно, обидете се да си кажете барем едно од овие нешта:

„Не сум сам/а во ова“

Депресијата е многу почеста појава отколку што мислите. Според Светската здравствена организација, над 300 милиони луѓе ширум светот страдаат од депресија.

Ова нарушување дефинитивно прави да се чувствувате како најосамената личност на светот, но важно е да се убедите дека не сте сами.

Обидете се да зборувате за вашите чувства и проблеми. Сигурно ќе се најде барем еден што ќе ве сфати и ќе ве натера да верувате дека, сепак, не сте сами.

„Јас сум…“

„Јас сум“ изјавите можеби на почетокот нема да ви изгледаат ефикасно. Но, ако си ги повторувате секојдневно, кога-тогаш ќе почнете да верувате во нив.

Почнете да си кажувате работи како:

  • Јас сум доволно силен/на да продолжам да се борам.
  • Јас сум храбар/ра и ќе го надминам ова.
  • Јас не се плашам од моите чувства и со текот на времето ќе ми биде подобро.
  • Јас сум убав/а и не треба да се менувам.
  • Јас сум добар/ра и заслужувам да бидам сакан/а.

raboti-shto-treba-da-si-gi-kazhuvate-koga-depresijata-kje-stane-nepodnosliva-02.jpg

„Кога сè друго е лошо, благодарен/на сум за…“

Секогаш постои барем едно нешто за коешто можете да бидете благодарни. А, покажувањето благодарност, дури и кон најмалите нешта, ќе ви помогне да почувствувате мотивација, инспирација, па дури и задоволство.

Имате право да се чувствувате тажно, безнадежно, па дури и гневно за вашата ситуација. Ако денес успеавте само да го наместите креветот, бидете си благодарни и за тоа.

„Имам со кого да разговарам“

Најверојатно се чувствувате како никој да не ве разбира и сметате дека не можете да разговарате со никого.

Но денес, особено во ерата на интернетот, лесно можете да најдете личност за разговор.

Ако не можете да им се отворите на пријателите или семејството, секогаш можете да си направите анонимен онлајн разговор.

raboti-shto-treba-da-si-gi-kazhuvate-koga-depresijata-kje-stane-nepodnosliva-03.jpg

Најдете ја вашата мантра

Мантрите можат да ви помогнат да сфатите дека иако сега се чувствувате ужасно, кога-тогаш ќе ви биде подобро.

Важно е да спознаете дека се чувствувате лошо, но и да сфатите дека ситуацијата нема засекогаш да биде таква.

Можете секој ден да си повторувате: „Денес можеби нема да бидам во најдобра форма, но ќе го преживеам денот и ќе го дочекам утре. Во ред е да имам лош ден, но утре може да биде подобро.“

„Во ред е“

Луѓето кои немаат искуство со депресија неретко настојуваат да даваат совети како „Биди позитивен“ или „Ослободи се од негативните мисли“.

Проблемот е што овие „совети“ можат да предизвикаат чувство на вина кај депресивна личност.

Важно е да знаете дека е во ред да се чувствувате лошо. Во ред е да се „распаднете“ и да ви е потребна помош. Во ред е цел ден да плачете.

Не чувствувајте вина поради вашата депресија. Сепак, таа не е ваш избор.

„Сум го поминал/а ова и претходно“

Ако имате подолго искуство со депресијата, тогаш ви е јасно дека ќе има добри, но и многу лоши денови.

Во најлошите мигови потсетете се дека во минатото веќе сте го надминале ова, па, можете и сега.

Со текот на времето обидете се да откриете кои нешта ви ги ублажуваат симптомите и искористете го искуството за да си помогнете.

raboti-shto-treba-da-si-gi-kazhuvate-koga-depresijata-kje-stane-nepodnosliva-04.jpg

„Забави“

Со депресијата неретко доаѓа и паника – не знаете зошто се чувствувате лошо и сакате веднаш да го промените тоа. Но, колку повеќе се присилувате да бидете добро, толку повеќе паничите.

Кога сте во јамката на депресијата важно е да се ослободите од притисокот што си го создавате самите. Не мора веднаш да се чувствувате подобро. Не мора да следите друг ритам освен вашиот.

Кога ќе си кажете дека е во ред да забавите, ќе го намалите стресот што само ви ја влошува состојбата.

Навивајте за себе

За ова ќе ви треба повеќе енергија, но обидете се да станете, почнете да скокате и танцувате и кажувајте си колку сте прекрасни, храбри, силни, неверојатни, бестрашни.

Можеби на почетокот ќе се чувствувате малку глупаво, но овие движења ќе ве наполнат со енергија и колку-толку ќе ви дадат поттик.

Одржете си и мотивациски говор, пуштете си ја омилената песна и не ѝ дозволувајте на депресијата да ве победи.

raboti-shto-treba-da-si-gi-kazhuvate-koga-depresijata-kje-stane-nepodnosliva-05.jpg

За крај, важно е да знаете дека депресијата е сериозна болест и неретко е потребна помош од професионалец. Не плашете се и не срамете се да ја побарате.