Природата ни подарила најдобрите подобрувачи на имунитетот а ни се достапни на дофат на рака.
Пчелини производи
Освен ако не сте алергични, тогаш медот, прополисот и матичниот млеч и нивните комбинации се вистинско богатство за вашиот имунитет. Со нивна помош внесувате минерали, природни шеќери, аминокиселини и бројни ензими. Консултирајте се со експерти во оваа област за да ви објаснат како правилно се користат овие производи.
Зелка и слични зеленчуци
Зелката и зеленчуците кои припаѓаат на истата фамилија, кељ, брокула, карфиол, прокељ, рен, ротквици, репка, сите изобилуваат со сулфурни соединенија, кои се силен борец против микробите, а во исто време го стабилизираат крвниот притисок и го контролираат холестеролот. Јадете ги свежи или кратко зготвени на пареа, бидејќи ако ги готвите долго, се ослободуваат сулфурните соединенија, предизвикувајќи чудни и непријатни мириси.
Лук и кромид
Можеби не се најомилените намирници, поради специфичниот вкус и мирис, но од друга страна се полни со витамини, минерали и флавониди. Исто како и зелките, имаат сулфурни соединенија. Познавачите на алтернативната медицина сметаат дека лукот и кромидот треба да бидат што поситно исецкани, за максимално да се искористи нивниот здравствен бенефит.
Цитрусни овошја
Цитрусите се богати со витамин Ц, но и со витамините А и Б, минерали и полифеноли. Фитонутриентите од цитрусите имаат противвоспалителни дејства. Можете да ги цедите како сок или ако можете, да ја јадете целата овошка.
Вода
Водата е неизоставен дел од секоја здрава навика. Хидратирнаиот организам има поголема способност да се чува себе отколку дехидрираниот. Возрасна личност треба да испие околу 8 чаши вода дневно. Покрај тоа, препорачливо е да јадете и бистри супи и да пиете чаеви и природни сокови.