Урбаното зеленило го сочинуваат парковите, зелените површини кај булеварите и дворот пред секоја зграда. Постои разлика помеѓу декоративно и заштитно зеленило. Никому не му треба цвеќе на булеварите. Она што му треба на главниот град и нам во моментов се дрвја за заштита од прашина, бучава и издувни гасови. Според европските стандарди, секој жител треба да има 25 метри квадратни зелена површина.
Зошто Скопје и понатаму продолжува да ги губи своите бели дробови? Дали секое дрво кое ќе биде пречка за реализирање на било каков проект или план на градот, градскиот татко ќе го исече и притоа нема да размисли како тоа ќе влијае на животната средина и чистиот воздух? – загрижени граѓани коментираат и прашуваат по социјалните мрежи.
Денеска висока топола падна во населбата Ѓорче Петров, овојпат на улицата „Борис Сарафов“, која е под надлежност на Град Скопје.
Неодамна беше изработена проектно-техничка документација за атмосферската канализација по дел од улицата, а од Градот потенцираа дека трасата на атмосферската канализација е усогласена со решенијата за хидротехничка инфраструктура во ДУП за овој локалитет. Сечењето на дрвја не беше најавено.
Граѓанските иницијативи, пак, постојано посочуваат дека никогаш не се земаат предвид алтернативни пристапи за зачувување на дрвјата, за нивно преместување, засадување и вклопување во нови простори при изработка на нацрти или планови на град Скопје. Главниот град продолжува да биде оптоварен со возила и сообраќаен хаос, а сечата на дрвјата го намалува севкупното зеленило кое и онака е недоволно за жителите на Скопје.