„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон  на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“

Пишува: Менче Атанасова Точи

Проект изградба на станови за луѓе со социјален ризик 

Проектот за изградба на станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи започна во 2009 година и е делумно финансиран од Банката за развој при Советот на Европа. Со овој проект предвидена беше изградба на 32 објекти со вкупно 1.754 станови со вкупна површина од 72.643,70 м2. Иако проектот требаше да финишира до крајот на 2018 година, објектите во Струмица и Гостивар сè уште се во градба, а неизградени останаа и оние во Гевгелија, Пехчево, Виница, Куманово, Свети Николе, Пробиштип,
Неготино, Тетово, Дебар, Велес и на три локации во Скопје.

Ексминистерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, во 2016 година обелодени дека министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) тогаш им делеле социјални станови на свои партиски другари од ВМРО-ДПМНЕ кои биле на државни функции. Некои од нив ги издавале под кирија, а други, пак, си ги користеле за „други намени“.

За скандалот да биде поголем, за да се додели некој стан требало да се добие мислење од Министерството за труд и социјална политика, по што тоа се испраќало до комисија која давала одобрение за предметот.

„Трагедијата да биде поголема, на адреса на државни социјални станови кои засега се без сопственик, владејачката партија запишала и фантомски гласачи. По смената на двајцата министри и тројцата дополнителни заменици министри од опозицијата, Комисијата за делење социјални станови од Министерството за транспорт и врски експресно им поделила социјални станови во зградите во Ресен на жители на реонот Мала Преспа. Во Прилеп, пак, им се делеле социјални станови на лица кои по ниту еден основ не ги исполнувале условите да конкурираат или, пак, да добијат ваков бесплатен стан“, рече тогаш Ременски.

Инаку, во Скопје дел од социјалните станови во населбата Ѓорче Петров и денес стојат празни, поради скандалот со становите кои беа доделувани на лица од тогашната владеачка партија кои не спаѓаат во оваа категорија, а социјално загрозени семејства немаат каде да живеат.

Бесплатно бањско лекување

Во 2010 година беше воведен проектот „Бањско лекување за пензионери“, како и бесплатното возење во градските автобуси како популистички, маркетиншки трик за да се придобијат пензионерите како гласачко тело.

Услугата „Бањско-климатска рекреација“ сè уште е на сила и може да се користи само еднаш во траење од седум дена. Предвидува шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата, а корисниците на пензија кои ја искористиле услугата во претходните три години немаат право да ја користат оваа услуга повторно.

Во 2010 година бањска рекреација побарале дури 25.940 пензионери, а ја добиле само 7.400 пензионери. Во 2018 година од 15.678 пензионери кои аплицирале, бањско лекување добиле само 4.240 пензионери.

И бањското лекување и бесплатните возења во градските автобуси беа популистички мерки на претходната власт, кои заедно со бесплатните одмори за ученици од семејства со социјален ризик во општеството треба да се разберат како нешто што им следува на луѓето со социјален ризик и со ниски пензии.

Згора на сè, Министерството за труд и социјала тоа го правело со заеми кои подоцна ги плаќаат истите тие граѓани.

Се стимулирала изградба на приватни домови за стари лица – државните пропаѓаа

Во државата има само пет државни установи за згрижување на стари лица, и тоа во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Берово (со 29 легла). Во нив, согласно официјалните статистички податоци, во 2016 година услуги користеле 508 лица, а обезбедени биле
преку 143 вработени.

Официјалните статистички податоци покажуваат дека поголем број стари лица се вклучени во приватните установи отколку во јавните, каде што за да се ослободи место се чека и по неколку години.

Ова говори за недоволна јавна понуда за институционална поддршка во делот на обезбедување услуги за стари лица, што е огромен проблем.

Во изминатиот децениски период не се изгради ниту еден државен дом за стари лица, туку пропаѓаа и постојните. Наместо тоа, приоритет ѝ се даде на изградбата на приватни домови каде што цената за едномесечно сместување е 500 евра. Тоа за македонските пензионери е премногу и не можат да си го дозволат ниту тие со просечни пензии.

За разлика од приватните, државните домови за стари лица се многу поевтини, но пропаѓаат и оние малку што ги има, а нови не се градеа.

Отворањето на приватни домови во изминатите 10 години беше стимулирано од државата и стана многу профитабилен бизнис. Една од мерките за изградба на приватни домови беше продажбата на државно земјиште за 1 евро по метар квадратен, потоа намалувањето на висината на комуналните такси, поволните кредитни линии преку Македонска банка, како и други поволности за претприемништво. Кој добивал  вакви бенефиции и под кои критериуми никогаш не се истражи.

Одлуката за тоа кој ќе има можност да отвори дом за стари лица ја носела Владата, по претходна одлука на Министерството за труд и социјална политика.