Тимот задолжен за управување со кризата со коронавирусот на Европската Комисија денеска на прес конференција предупреди дека сите земји треба да бидат подготвени и да очекуваат влошување на ситуацијата.
-Секоја земја треба да биде подготвена, глобализацијата го остави својот белег, ситуацијата најверојатно ќе се влоши и времето е од суштинско значење, изјави комесарот за хуманитарна помош и управување со кризи, Јанез Ленарчич, повикувајќи се на експертската процена на Европскиот центар за спречување на болести.
Еврокомесарот повика да не се крева паника, туку да се биде подготвен за секое сценарио.
Европската Комисија денеска одржа прес конференција со петмината комесари кои се дел од тимот задолжен за управување со Ковид-19, кој се состои од комесарите за хуманитарна помош, здравство, внатрешни работи, транспорт и економија.
Улогата на Европската Комисија е да формулира препораки и да ги координира мерките и политиките на европско ниво помеѓу институциите и земјите членки на ЕУ, но ЕК не носи одлуки и не може да нареди мерки.
Секоја земја одлучува самостојно, согласно ситуацијата со која се соочува, какви мерки ќе воведе на својата територија.
Досега во ЕУ има 2.100 потврдени случаи во осумнаесет земји членки на ЕУ, од кои 38 починале, потсети комесарката за здравство, Стела Кириакидес.
-Секоја земја членка се соочува со различни предизвици, но за сите ситуацијата брзо се менува, како што рековме од самиот почеток, координацијата е клучна, рече комесарката.
Таа испратила писма до сите министри за здравство на ЕУ во кои бара од нив да се осигурат дека ги имаат потребни подготвителни мерки: менаџирање на ресурсите во здравствениот систем, лабораториски капацитети, адекватни здравствени капацитети на влезните точки, како аеродромите на пример, и конечно кризна комуникација со работниците во здравството.
-Иако е ситуацијата јасно загрижувачка, ова не е време за паника и лажни вести, нагласи Кириакидес.
Европската Комисија своите препораки ги заснова на мислењата на медицинските експерти.
-Не треба да го потцениме фактот дека е нов вид на вирус и дека многу работи не знаеме, има многу разни начини на инфекција, некои со умерени симптоми, некои без симптоми, некои со тешки симптоми, апсолутно е прифатливо да се има претпазлив однос кон ширењето на вирусот и треба да го слушаме мнозинството експерти, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Конечно, еврокомесарот за економија предупреди дека оваа криза ќе има последици врз европската економија, како и врз кинеската, и дека самите европски власти ќе треба да покажат разбирање и солидарност кон земјите членки.
-Нашите правила содржат повеќе аспекти кои ја земаат предвид можноста за владите да одговорат на невообичаени случувања, ние ќе одговориме во дух на солидарност и разбирање, увери комесарот за економија, Паоло Џентилони, во време кога најмалку две земји во Унијата, Италија и Франција, се соочуваат со воведување вонредни мерки за спречување на заразата.