Голем број на луѓе имаат покачени ниво на шеќер во крвта, но не се свесни за тоа. Важно е да ги прпознаете симптомоите.
Често одење во ве-це
Кога имате дијабетес, вашето тело станува помалку ефикасно во разложувањето на храната во шеќери, па имате повеќе шеќер во крвотокот. Телото се ослободува од него преку урината. Луѓето ретко обрнуваат многу внимание на тоа колку често одат во тоалет, па кога ќе ги праша докторот обично одговараат со: Па да, се чини дека почесто одам од порано. Сепак, она што со сигурност треба да го запали алармот е ако потребата да се уринира ви го попречува спиењето (еднаш или понекогаш два пати е нормално).
Пожедни сте од обично
Честото уринирање ќе направи да се чувствувате суво. Чест проблем кај пациентите е што ја гасат жедта со сокови, газирани пијалоци, па и млеко. Овие слатки пијалоци повторно таложат шеќер во крвта, што одново води кон истиот проблем.
Сте изгубиле тежина
Со оглед на тоа што вишокот килограми се познат ризик фактор за дијабетес, звучи контраинтуитивно дека намалувањето на неколку килограми може да е знак на болеста. Но всушност, намалувањето на килограмите доаѓа како резултат на две нешта: едно – од водата што ја губите (преку уринирање), а друго – губите дел од калориите преку урината и не ги апсорбирате сите калории од шеќерот во вашата крв. Често, кога луѓето ќе дознаат дека имаат дијабетес и ќе почнат да внимаваат на шеќерот, се случува да качат неколку килограми. Но, тоа е добра работа – значи дека шеќерот во крвта е побалансиран.
Често треперите и сте гладни
Не е реткост пациентот да почувствува ненадеен немир и „итна“ потреба да внесат јаглехидрати. Кога шеќерот ви е висок, телото има проблем со регулирање на глукозата. Ако сте изеле нешто богато со јаглехидрати, вашето тело лансира малку повеќе инсулин од потребното, а глукозата брзо ви опаѓа. Ова дава чувство на „потресеност“ и прави да треперите, при што сте склони да посегнете по повеќе јаглехидрати или шеќер. Да, тоа води кон уште еден бесконечен круг.
Цело време сте изморени
Нормално е да сте изморени од време на време. Но, постојаниот замор без некоја посебна причина е симптом на кој треба да се внимава. Може да значи дека храната што ја јадете за енергија не е целосно разложена и искористена од клетките како што би требало. Со други зборови, не го добивате погонот што му е потребен на телото, иако го внесувате потребното гориво. Во многу случаи на дијабетес тип 2, нивото на шеќер е високо некое време, па овие симптоми (на замор и тромавост) можат да се јават подоцна и бавно.
Лошо сте расположени
Ти не си ти кога шеќерот не е ти е на место. Едноставно, не се чувствувате добро, што може да ви го намали трпението и да ви го скрати фитилот. Всушност, високото ниво на шеќер во крвта се манифестира со симптоми многу слични на оние на депресијата. Се чувствувате многу изморени, не ви се прави ништо, не ви се излегува, само сакате да спиете. Некои пациенти мислат дека страдаат од депресија, но подоцна кога ќе им се подобри нивото на шеќерот доживуваат и подобрување на расположението.
Заматен ви е видот
Ова не е поврзано со дијабетската ретинопатија, во кој случај крвните садови зад окото биваат уништени. Во раните фази на дијабетесот, очните леќи не се фокусираат доволно добро бидејќи доаѓа до таложење на глукоза во окото, што привремено ја менува неговата форма. Нема да ослепите од дијабетес, а штом нивото на шеќер во крвта ќе се стабилизира, окото ќе се прилагоди.
Посекотините и подлабоките гребаници побавно заздравуваат
Имуниот систем и процесите што му помагаат на телото да се залечи не функционираат најдобро кога нивото на шеќер е високо.
Ви трне стапалото
Зголемениот шеќер може да предизвика компликации и од типот на благо оштетување на нервите, што може да се манифестира како трнење и губење на чувството во стапалата.
Поподложни сте на габични инфекции и инфекции на уринарниот тракт
Високото ниво на шеќер во урината и во вагината може да придонесе за погодна почва за развој на бактериите и габите што ги предизвикуваат овие инфекции. Честите инфекции се прилично загржувачки знак. Обично кога често добивате инфекции, докторите ќе проверат да не имате дијабетес.