Министерот за здравство на Косово Арбен Витиа информира дека, според резултатите на тестирањата, во текот на минатата ноќ се откриени уште четири нови случаи на заразени од коронавирусот, со што вкупната бројка се зголеми на вкупно 13 носители на смртоносниот Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, Витиа утрово информира дека сите четворица нови пациенти се членови на семејството на 77-годишниот маж од Витина, кој е еден од двата први случаи, откриени во петокот, на 13 март.
– Целото семејство е во самоизолација и Националниот институт за јавно здравство го изврши тестирањето и на другите роднини, напиша Витиа.
Владата на Косово на синоќешната вонредна седница, свикана од премиерот Албин Курти на барање на министерот Витиа, прогласи вонредна состојба во косовското јавно здравство, поради зголемената опасност од ширење на епидемијата на коронавирусот.
Претходно, Владата ги стави во карантин четирите општини – Витина, Клина, Малишево и Подујево – во кои досега се појавиле случаи на заразени со коронавирус.