Во случај на кризи, како во 2008 и 2009 година, неопходно е да дадат дополнителни средства во економијата за да може потрошувачката да остане на исто ниво и да не застане економијата, вели поранешниот министер за финансии Кирил Миновски за телевизија Алфа.
Тој вели дека стимулацијата на потрошувачката е едно од решенијата за надминување на економска криза.
„На едноставен начин, на секој кој што учествува на пазарот на трудот, на секој вработен меѓутоа и на секој сопственик на бизнис, јасно му е дека на пазарот постои понуда и побарувачка. Најчесто понудата треба да се прилагодува на онаа побарувачка која што постои на пазарот. За да може економијата да се движи, неопходно е да постои побарувачка. Ако немаме доволна потрошувачка ќе имаме стагнација на економијата“,
вели Миновски.
Тој е против намалување на платите во јавната администрација на 14.500 денари и смета дека тоа ќе влијае и врз мотивацијата на вработените во овие кризни моменти.
„Во Република Турција на пример, сет мерките се пакет од 15.4 милијарди евра кои ќе се вбризгаат во економијата, пакет кој што не е наменет исклучиво за компаниите, туку и за економскиот стандард на граѓаните. Во САД пакетот изнесува 2.200 милијарди долари, за директна поддршка на животниот стандард на населението. Слични програми има и во останатите земји“,вели Миновски.