Заболените од Ковид-19 од денеска ќе се лекуваат со крвна плазма, како и со примена на озонотерапија во болницата „8 Септември“. За денеска е закажана првата екстракција на плазма која ќе се користи за третман на овие пациенти на Институтот за трансфузиона медицина.
Озонирањето на крвта е метода што се користи за третманот пред сè за најтешките пациенти. Станува збор за метода, со која се озонира една одредена количина на крвта која се вади и потоа таа се враќа во неговата циркулација.
Како што рече на вчерашната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, има публикации и искуства од други земји, и врз основа на тие искуства тимот на анестезиолози од болницата „8 Септември“ направил детална анализа на навистина обемна литература и заклучил дека вреди да се направи обид и оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 53 оздравени пациенти, во Скопје – 25, Куманово – 13, Прилеп – 5, Струга – 1, Битола – 4, Охрид – 1 и Кочани – 4. Со тоа вкупната бројка на излекувани пациенти е 553.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа 58-годишна пациентка од тетовско Желино, примена на Клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81 – годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. Двете пациентки имале и висок крвен притисок.
Во болницата „8 Септември“ почина 47-годишен пациент од Куманово, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и 66-годишен пациент од Битола, кој во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза се лекуваше во Клиничката болница во градот.
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја досега изнесува 1.399 лица, а активни се 781.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се вкупно 61 од кои 18 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 32. На респираторна машина се седум пациенти, а четири се со потешка клиничка слика. Во Клиничката болница во Битола се хоспитализирани седум лица, а се следат вкупно осум пациенти во домашно лекување, додека во Клиничката болница во Штип се лекуваат двајца пациенти, а се следат уште девет. На инфективните одделенија во болниците во Куманово, Велес и Прилеп се хоспитализирани 50 пациенти, потврдени и сомнителни на Ковид-19.
Министерот Филипче вчера истакна дека според последните анализи се очекува бројот на заразени да биде меѓу 1600 и 1700 заразени. Додаде оти не би избрзувал со очекувањата за пикот.
– Од тоа од што стравуваме е да не станува збор за поединечна варијација, како што беше во едно друго сценарио кога имавме еден пик во смисла на исклучок на над 100 дијагностицирани пациенти. Така да, сметам дека се уште не би избрзувале. Сепак, сакаме да видиме последователно повеќе денови еден ваков тренд за да кажеме, добро, поминат е пикот, и да очекуваме во континуитет и во следните денови намалување на бројот на случаи. Искрено се надеваме дека така ќе биде. Но, малку е рано иако трендовите тоа ни го најавуваат, но сме многу внимателни, рече вчера Филипче.
Од наредната недела Министерството за здравство со средствата собрани од донациската сметка за справување со вирусот Ковид-19 кои се близу 90 милиони денари ќе почне со набавка на кревети за интензивна нега, респиратори, аспиратори, перфузори, инфузиомати, мобилен рендген, ехо апарати и е-опрема.