Експертите тврдат дека досега нема ниту еден доказ за пренесување на коронавирусот од дете на возрасен човек, поради што научниците велат дека децата немаат голема улога во трансмисија на епидемијата.
Здружената комисија составена од членови на СЗО и кинески експерти не можела да дојде до ниту еден докажан случај на инфекција каде коронавирусот преминал од дете на возрасна личност.
Покрај тоа, како што пренесуваат медиумите, овие експерти не успеале да дојдат ниту до еден забележан случај во кој дете помало од 10 години го пренело вирусот на било кој.
Студиите кои се занимаваат со оваа тема велат дека децата немаат никаква важна улога во пренесување на вирусот, иако експертите кои ги спроведувале ваквите истражувања и самите признаваат дека фактите до кои дошле и понатаму се нејасни.
Професорот Расел Вајнер од Кралскиот факултет за педијатрија и детско здравје вели: “Ширум светот сè уште нема докази дека децата го шират вирусот, меѓутоа и понатаму немаме доволно докази за во целост да застанеме зад ова тврдење”.
Еден од учесниците во ова истражување било и 9-годишното момче од Франција кое, иако било во контакт со дури 172 лица, не го пренело вирусот на ниту едно од нив. Токму за него пишуваа француските медиуми во февруари, целосно збунети од ваквиот податок.
“Студиите покажуваат дека има мал број докази дека децата се преносители на вирусот и судејќи по сè, кај нив инфективноста е доста помала”, велат експертите, додавајќи дека во прилог на тоа тврдење одат и појавите на неколку семејни кластери во Гуангџоу, Кина, каде цели семејства биле заразени, но во ниту едно децата не биле нулти случај односно оние кои ја донеле заразата.