Откако почнавме со онлајн настава, односно далечинско учење, малку невообичаено, но се зголеми учеството на студентите во наставата, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски. Тој зборува и за недостигот на медицински кадри и за неуспешната приказна на дисперзираните факултети.
Со какви проблеми се справуваат професорите во организирање на предавањата за време на вонредната состојба поради Ковид 19?
Откако дојде до оваа новонастаната ситуација со глобалната светска пандемија КОВИД-19 ние како Универзитет и сите останати универзитети во земјава се соочивме со некои потешкотии, но тие беа од краток привремен карактер. За релативно кратко време успеавме да ја одржиме наставата во рамките на нормалната нејзина дејност.
Како изгледа едно предавање на 300 студенти кои претходно се одржуваше во амфитеатар?
Па секако дека, откако Владата ја донесе уредбата да се прекине наставата – и теоретската и практичната, ние веднаш го испочитуваме тој момент и донесовме како Универзитет и Правилник за работата на Универзитетот во такви услови. И сметам дека фактички откако почнавме со онлајн настава, односно далечинско учење, малку невообичаено, но се зголеми бројот на студените, односно учеството на студентите во наставата. Самите професори вложија многу напор да продолжи наставата од типот на далечинско учење. Но, ние како Универзитет дозволивме, во зависност од дејноста на факултетот, да можам да кажам автономно да си одлучат единиците на која платформа ќе ги обават тие предавања. Така што на некои од единиците работат со Микрософт тимс, некои со зоом, некои со гугл класрум. Секако дека една од тенденциите на професорите е да има двонасочност во тие електронски комуникации, односно да се развиваат дискусии меѓу професорите и студентите. Во таа насока многу од професорите ги имаат претходно снимено предавањата за да има повеќе време за тие онлајн дискусии меѓу професорите и студентите. Мислам дека откако почна на овој начин да се одвива онлајн наставата таа е на едно задоволително ниво, наставните програми течат непрекинато.
На одредени факултети нема доволно услови за практична работа и во нормални услови, застарени инструменти, застарена опрема. Како тоа е решено во вонредната состојба?
Можам да кажам дека лабораториите на нашиот Универзитет се добро опремени, со релативно нова опрема од тој аспект. Но, одржувањето на практичната настава сепак во зависност од спецификите на факултетот, на одредени факултети не може да се обавува како што се обавува во нормални услови поради спецификите, тоа е пред сè на уметничките факултети, на факултетот за драмски уметности, ликовни уметности, факултетот за музика и слично. Таму мислам дека ќе одиме со некои прилагодување. На овие факултети се одвива теоретската настава, но за практичната настава која е специфична се размислува за продолжување на некои вежби во втората половина на јуни. Имаме намера да направиме и промени во испитните сесии. Планот ни е да дадеме двојна испитна сесија во јуни или септември, ќе видиме, се зависи од владините мерки и текот на епидемијата.
Колку во изминатиов период состојбата со економијата, па и со пандемијата покажа дали стратегијата за продукција на високо образовни кадри е добра?
Мое лично мислење е дека бројот на дисперзирани факултети што се отворија во нашата земја беше преголем. Јас и во мојата програма, кога аплицирав за ректор, напишав дека таа стратегија треба итно да се смени, заради тоа што навистина тука беше изгубено време, кадри, енергија да се направи нешто, но во стартот се знаете дека тоа ќе биде неуспешна приказна. Тоа е едната страна, другата страна е, мислам дека треба многу внимателно и со приватните универзитети. Тука пак би го спомнал Националниот совет за високо образование, Одборот за акредитација и евалуација ќе имаат одлучувачко значење во смислам да прават анализа, проценка, дали и колку некој универзитет има успешност, дали ги исполнува критериумите за да биде универзитет и навистина тука очекуваме овие одбори и советот да ни прикажат една реална слика за потребите од универзитети, па и приватни, па и државни, јавни универзитети. Сè што е премногу не носи квалитет, со зголемувањето на бројот на факултетите и универзитетите навистина сметам дека опадна квалитетот на високото образование во нашата земја и тука треба да се донесат некои итни мерки, да се направат некои промени, она што вреди да се задржи, она што не вреди нормално дека не треба да функционира и тука треба да се направат успешни обиди да се стави високото образование на свое место.