Во вечерашното интервју на телевизија Алсат М, министерот за здравство. Венко Филипче зборувајќи за состојбата со коронавирусот оцени дека здравствениот систем и здравствените работници одлично се справија со пандемијата.
-Нашите здравствени работници одговорија многу брзо и на највисоко експертско- стручно ниво. И во однос на раната детекција и превенцијата и во однос на оној клинички дел, односно третманот на пациентите. Ние бевме меѓу првите земји коишто ставија термални камери за детекција на аеродромите, меѓу земјите коишто сметам дека направија одлична стратегија во однос на дијагностицирање, начин на пристап, анализа на пациентите и идентификувањето на нивните контакти како и третманот на пациентите. И сето тоа во рамките на капацитетите на нашиот здравствен систем, рече Филипче.
Филипче ги посочи сликите од Италија и некои делови во Шпанија каде што немаше место каде да се сместат пациентите и потенцираше дека тоа кај нас не се случи и во ниту еден момент не дозволивме да се преполнат болниците.
-Во ниту еден момент на Инфективната клиника како централна јавно-здравствена установа кај што се сместуваат овие пациенти, капацитетот не беше пополнет повеќе од 60-65 проценти. Во ГОБ „8 септември“, никогаш повеќе од 5 проценти, изјави Филипче.
Министерот заклучи дека улогата на епидемиолозите, од аспект на превенција, раната детекција и дијагнозата и улогата на клиничарите- инфектолозите, интернистите коишто им помагаа во однос на третманот на пациентите дадоа одлични резултати во менаџирање на кризата.