Здравјето пред се, беше реченицата која што ја кажав во моментите кога беше поставено прашањето за важните политички случувања и изборите кои требаше да се случат во април. Јас сум се уште на овој став, но проблемот е што Владата кон ова се однесуваше како чиста флоскула, а во позадина се одвиваше вистинска канонада на случувања кои говореа дека се глуми изнасилена нормалност, основана на нездрави основи кои овие денови гледаме дека завршуваат со класична капитулација, изјави на прес-конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој додаде:
-Се што креваа во височините прикажувајќи го како лажен успех видовме дека се враќа како бумеранг соочувајќи не со грдата реалност. А реалноста е дека луѓето се препуштени самите да се грижат за своето здравје и дека системот не само што потклекна, туку е збришан од политички диктати, примеси на суети, дворски игри и желбата да се клекне државата, а сето тоа се прави во обид да се спасат неколку луѓе од одговорност. И така целата држава, сите ние станавме заложници на лудоста во пресметливоста на Зоран Заев за избори и тесен пораз, личните абиции на Спасовски и преголемата желба за пи-ар на пар други министри.
-Одма да споменам, навистина за мене е несериозно да се препукуваме преку социјалните медиуми или да си пишуваме статуси и прозиваме преку портали со лидерот на власта Зоран Заев, затоа што имаме многу посложена состојба од тоа оваа тема да ја претвораме во политичко препукување или во детска игра на обвинувања. Се работи за животи на илјадници граѓани. Стотици семејства кои во овие моменти треперат над своите најблиски зафатени од овој смртоносен вирус. Но, мора да ги кажеме работите, реално и онакви какви што се, потенцираше Мицкоски и подвлече:
-Луѓето со право се прашуваат зошто седеле дома повеќе од 2 месеци кога вака власта дозволи, поради брзи избори да глуми нова нормалност и да ги изложи сите граѓани на нов ризик. Но и во право се оние кои се чудат како е можно вака ноншалантно веднаш да заборави власта на ризиците, мерките и крантнините, само во функција на налог кој ќе го добие од Зоран Заев да глумат дека се е нормално. Патем ние сме единствената земја во светот која веќе го живее новиот бран на Ковид 19 вирусот кој е последица на лошо менаџирање и политички притисок на еден човек. Ќе ве потсетам само на оние надри медицински пресметки на Зоран Заев кога точно ќе почнел вториот бран, како се имал под контрола, и се така како нему му одговаара наспроти реалноста и бројката на новозаразени која постојано одзвонуваше и се зголемуваше. Кога предупредував на сето ова, Зоран Заев ингорираше.
-Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. И да точно е, јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација, изјави Мицкоски и подвлече:
„Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци кои нема да се водат од политичките туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кој народот ќе биде сигурен“.
Тој ги осуди и вербалните напади врз Министерството за внатрешни работи.
Според Мицкоски ова е нечесна игра на Заев со човечки субини, која за жал станува се побрутална. Тој посочи: ВМРО-ДПМНЕ е различно и има зошто граѓаните да му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ. Остануваме заедно со народот да ги пребродиме овие сериозни моменти. Ќе предлагаме мерки кои се сериозни и издржни. И се ставаме целосно во заштита на здравјето на граѓаните, со сите наши сили.