Текстилните и кожарските фабрики на подрачјето на Општина Штип нема да смеат да работат за време на престојниот продолжен викенд, одлучи денеска Главниот координативен кризен штаб.
Одлуката е донесена врз основа на барањето на Општина Штип, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот.
– Главниот координативен штаб за обезбедување на целосна координација во врска со спречувањето на ширењето на Корона вирусот денес го разгледа и го прифати барањето за воведување на забрана за работа доставено од Општина Штип, односно се забранува издавањето на дозволи за работа за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во подрачјето на Општина Штип, односно истите да останат затворени, се наведува во извадокот од 67-тиот состанок на Главниот координативен штаб.
Сите останати правни субјекти и економски оператори, маркети и доставувачи на храна на подрачјето на Штип ќе работат согласно претходно издадените дозволи за движење за време на полициски час.
Од Кабинетот на вице-премиерката задолжена за економски прашања апелираат строго да се почитуваат протоколите за заштита на работниците при транспортот и на работните места.