Десет заразени здравствени работници од Ковид 19 се регистрирани во Градската болница „8 септември“, позната и како Ковид болница, во која се носат речиси сите сомнителни случаи, потврди директорот на болницата, доктор Кристијан Костов. Сепак, тој тврди дека повеќето од медицинскиот персонал не се заразил внатре во болницата.
– Процентот дека се заразени надвор од болницата е многу висок. Три месеци немавме ниту еден заразен и сега наеднаш 10. Сите се добро опремени, а сега имаат уште подобра заштитна опрема. Слободно можам да потврдам дека повеќето се заразиле надвор од работното место. – вели доктор Костов.
До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 7 нови, а вкупно хоспитализирани 27 пациенти. На респираторна машина се 7, a со потешка клиничка слика се уште 6 пациенти. Засега се чекаат резултатите од направените брисеви на уште 15 пациенти.
Според последниот објавен извештај на Институтот за јавно здравје од 3 јуни се наведува дека досега од Ковид 19 се заразиле 285 здравствени работници. Според информациите, денеска се потврдени уште четворица заразени здравствени работници, а на неколку клиники утрово се земени брисеви на уште неколку сомнителни случаи на здравствени работници.