Предупредувањата на СЗО се остваруваат. По драстичното олеснување на мерките, целото соседство, вклучително и Македонија очигледно го живее новиот пик на епидемијата. Повеќратно зголемување на новозаразени од Ковид-19 бележат сите наши соседи во интервал од само 10-ина дена, што се совпаѓа со периодот на олабавувањето на рестрикциите. Првата јасна порака стигна од албанскиот премиер Еди Рама, кој ги предупреди граѓаните дека ако продолжи нагорниот тренд повторно ќе ја врати забраната за движење.

-Трендот на заболени продолжува. Тоа ги загрозува животите на луѓето и може да не принуди да се вратиме на карантинот, како единствен превентивен лек додека да биде готова вакцината. Економијата може да паѓа и да расте, а мртвите не можат да оживеат, изјави Еди Рама, премиер на Албанија

Користејќи ги бројките од глобалната мапа „Ворлдометар“, анализата на Канал 5 покажа дека сите соседи во перидот од први јуни до денеска сериозно ја кренале епидемиолошката крива. Албанија на 1 јуни регистрирала шест заболени, а вчера 44-ца, Македонија на 30-ти мај 35-мина, а вчера 174 новозаразени. Србија на први јуни имала 18, а вчера 71, Грција нула, пред два дена 52-ца. Соседна Бугарија на втори јуни регистирала 6-мина, а пред два дена 104-ца заболени. Сепак, за разлика од Рама, ваквите бројки не го плашат бугарскиот колега, Борисов. Вели животот мора да тече.

-Повеќе нема да се затвораме, тоа е затворено прашање. Лекарите јасно кажаа дека вирусот ја нема старата сила. Целта ни е од 15-ти до 30 јуни дополнително да ги олесниме мерките и да отвориме се, изјави Бојко Борисов, премиер на Бугарија

Земјите од Западен Балкан вчера добија своевидно признание од Европската Комисија, која оцени дека подобро се справувале и со земјите од Унијата. Комисијата препорача отворање на границите на ЕУ за регионот од први јули.