Преполовени тимовите за вакцинација во здравствените установи во земјата. Во скопските диспанзери има само 15 тима а потребни се 29. И додека здравствените власти најавуваат мерки за зголемување на опаднатиот опфат со имунизација, нема кој да ги боцка децата.

-Реално, состојбата е лоша. Преполовени се нашите тимови и ако продолжи вака состојбата ќе биде лошо. Нема педијатри бидејќи порано е направен тој гап со немање на специјализации, вели др. Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Недостатокот од кадар и вклучувањето на нови вакцинални тимови е и една од препораките на Комитетот за имунизација и епидемиолозите. Инаку на терен состојбата е најлоша во скопската општина Кисела Вода каде вакцинацијата со МРП е само 61%. Речиси истиот процент го има и во Кавадарци. Куманово, пак, е општина каде речиси за сите вакцини процентот е под 80.

-Тој опаднат процент го имаме во урбаните средини и тоа како последица на антивакциналните кампањи. Но на пример, во Чаир опфатот со истата вакцина е над 90 проценти, вели Мехмедовиќ.

Пред две недели лекарски тимови во Скопје ги проверуваа сите вакцинални картони за да ги откријат оние кои затаиле со имунизацијата.

-За време на неделата на имунизација, тимови од скопските диспанзери на терен откриле 42 деца фантоми, кои немале примено ниту една вакцина.

Од анализите за процентот на имунизација во 2017, најнизок опфат има со вакцината за ХПВ. Во Скопје ја примиле само 15 проценти од девојчињата на 12 годишна возраст.

Поради намалениот број на вакцинирани деца, Македонија е во групата на ризични земји од појава на сериозни заразни заболувања.