Скопското јавно обвинителство на крајот на мај поднесе предлог до Кривичниот суд, директорката на дерматологија Нина Цаца Билјановска да биде казнета со 10.000 евра, обвинета за пренесување заразна болест. Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложил за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност, соопшти Обвинителството.
Обвинетата на 29 февруари се вратила во државава од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на владата согласно кои сите граѓани што се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од ковид-19, особено од Република Италија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава.
Докторката казната ја доби бидејќи наместо да оди во самоизолација по враќање од пат од Италија, таа одеше на работа, по што целата кожна клиника се стави под клуч. Таа може да ја обжали казната, но откако ќе заврши вонредната состојба.