Посттрауматски повреди на професионални спортисти и оние кои се занимаваат со рекреативен спорт ќе бидат третирани во Центарот за спортски трауматизам кој беше отворен денеска во Одделението за ортопедија и трауматологија при Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
На отворањето на Центарот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека ќе има систем за закажување за хронични пациенти, но и итни пациенти кои преку Ургентниот центар ќе бидат упатувани во ГОБ „8 Септември“.
– Тука веќе работат врвни експерти трауматолози и ортопеди кои веќе се занимаваат со оваа патологија, посочи Филипче и додаде дека со тоа што опремуваат едно посебно одделение укажуваат на сериозноста со која пристапуваат во третирањето на повредените.
Директорот на болницата, Кристијан Костов изјави дека во Центарот кој е прв од ваков вид во земјата и регионот повредените ќе добијат примарна и брза дијагностичка процедура, ортопедски трауматолошки преглед, лабораториско испитување и најразновидно радиолошко иследување како што се компјутерска томографија, магнетна резонанца…
Потенцира дека во Одделението за ортопедија и трауматологија има 32 болнички кревети, а во процедура е вселување во простор кој се ослободил со преместувањето на Специјалната болница „Филип Втори“, а Министерството за здравство им го доделил на користење.
– Со тоа ќе добиеме поголем комодитет на сите пациенти, сместувањето ќе биде во апартмански или двокреветни соби. Ќе се овозможи брз оперативен третман и соодветна постоперативна болничка рехабилитација по третманот со соодветен протокол на физикална терапија. Центарот ќе функционира 24 часа, додаде Костов