Веќе неколку дена граѓани се жалат дека се затруле од една позната скопска сендвичара. Првите случаи на затруени се јавиле на Клиниката за токсикологија и во приватната болница Систина и сите тврделе дека јаделе од истата сендвичара. Ова се случило пред два дена кога и докторите кои ги примиле овие пациенти согласно протоколите испратиле известување преку електронска пошта до надлежните институции, Центарот за јавно здравје и надлежните инспекциски служби.
Но според информациите во јавноста, мејл адресата на Центарот за јавно здравје не работела. Така тие не можеле да ги добијат податоците од болниците дека доаѓаат луѓе кои се жалат дека се затруле од истата сендвичарата за веднаш да излезат на терен и да постапуваат.
Денеска се јавиле нови случаи на затруени од истиот извор, а станува збор за сендвичарата Гранд Бургер во Скопје. Надлежните по денешната пријава изгле на терен и наишле на затворени врати, бидејќи сопственикот решил сам да го затвори објектот. Со тоа во ваква ситуација тие не можеле да направат ништо, бидејќи без судски налог не можат да влезат во приватен имот, посочуваат инспекторите.
Во текот на три дена околу дваесетина граѓани се пожалиле дека јаделе контаминирана храна од истата сендвичара.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека извршиле вонреден инспекциски надзор на сендвичарницата Гранд Бургер, откако доцна попладнево добиле официјално известување од Центарот за јавно здравје – Скопје дека по добиени пријави и извршени епидемиолошки анкети утврден е извор на зараза.