Кога светот ќе се врати во својот нормален живот, без маски, ограничувања, забрани, карантин и затворања? На ова прашање говореше Шефот на фармацевтската компанија „Бионтек“ Угур Сахин, на Самитот на извршни директори во организација на Волстрит џурнал.

– Треба да обезбедиме навистина високо ниво на вакцинација низ целиот свет. Во спротивно, никој нема да биде безбеден, рече Сахин и додаде дека пандемијата ќе заврши само кога целиот свет ќе достигне ниво на имунитет на стадо.

Сахин истакна дека до средината на 2022 година, дури и многу густонаселени региони, како што е Индија, може да постигнат висок степен на вакцинација и имунитет на стадо. За да се постигнат овие цели, ќе биде потребно да се зголеми производството на вакцини, но и да се почне мешање на различни вакцини против Ковид-19.

Коосновачот на компанијата и главната лекарка во Бионтек, Озлем Туречи, додаде дека колку повеќе вакцини имаме, толку подобро. Целта е постигнување имунитет на стадо. Во тек се преговори со Кина за да може вакцината Фајзер/Бионтек да биде достапна како додаток на кинеските вакцини, особено кога станува збор за вакцинирањето на старите лица, посочи Туречи.