Околу 190 000 граѓани во Македонија живеат со дијагнозата дијабетес. 40 000 од нив се на инсулинска терапија, а 500 се деца. Деновиве на социјалните мрежи, оваа група на граѓани апелира до надлежните дека се заборавени, дека ги немаат основните лекови и буквално се оставени сами на себе да се снаоѓаат.
Според информациите во електронските медиуми веќе неколку недели дијабетичарите не добиваат игли за боцкање во инсулинските аптеки кои се наоѓаат во рамките на поликлиниките. Како што велат дијабетичари во минатото добивале до десетина игли, а веќе неколку месеци не им била дадена ниту една. Од Министерството за здравство велат дека се запознаени со проблемот но набрзо ќе се реши.
– Поради промена на операторот, односно истекување на договорот и запазување на роковите при постапката за склучување нов договор со друг оператор, во изминатиот период во инсулинските аптеки имаше ограничена количина игли и ленти, велат од Министерството за здравство.
Имено дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес) претставува автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.
Изминатиов период реагираа и граѓаните со друг тип на дијабетис, очигледно е дека сите граѓани во Македонија кои што боледуваат од дијабетис се соочуваат со недостаток на инсулин.