Од денеска започнува имунизацијата и на вработените во помалите фирми во штипскиот регионален пункт. Вакцинацијата се одвива во салата „Јордан Мијалков“ каде Министертвото за здравство има доставено барања на кои им се одредуваат термини за вакцинација. Ги замолуваме стопанствениците барањата да ги доставуваат до стопанските комори, вели Дијана Коцева – Миланова, лекар на вакциналниот пункт во салата „Јордан Мијалков” во Штип.
Во штипскиот регионален пункт од денеска се имунизираат и околу 300 лица со хронични болести, на дијализа, трансплатација на црн дроб, бубрег и петмина кои чекаат трансплатација на срце.
Доктор Коцева-Миланова посочува дека вакцини има, а вчера се пристигнати 4.000 од кинеската „Синофарм” и 1.000 од „Фајзер”. Пунктот во Штип денеска и утре ќе работи само до 13:30 часот, а се вакцинираат и оние кои закажале термини преку системот МојТермин со приоритет на лицата над 68 години.