Сите лица кои имаат над 12 години во Италија, од утре ќе можат да се вакцинираат против Ковид-19. Тинејџерите ќе се вакцинираат откако минатата недела Европската агенција за лекови (ЕМА) одобри деца од 12 до 15 години да се вакцинираат со Фајзер/Бионтек.

На почетокот од годината имунизацијата во Италија почна со бавно темпо поради организациски проблеми и недостаток на вакцини, но сега забрзано се одвива.

Според податоци на италијанското Министерство за здравство дадени се над 35 милиони дози вакцини, а 12,4 милиони луѓе, речиси 23 проценти од населението веќе се целосно вакцинирани.

Италија беше првата европска земја што се соочи со пандемијата на Ковид-19 и досега регистрирани се над од 126.000 смртни случаи. Бројот на заразени лица во изминатите неколку недели е намален поради што се укинати многу ограничувања, но полицискиот час е во сила, како и ограничувањата за работата во затворени простории, а се носат маски на јавни места.