Министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи информираше дека рано утрово срцето на 44 годишната пациентка чие семејство несебично ги донираше органите, почна повторно да чука.
– Пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест доби шанса за нов живот. Во изминативе 24 часа околу 100 тина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот систем. Следниве денови се критични, да се надеваме дека телото ќе го прифати новиот орган, напиша Филипче на Фејсбук.
Во продолжение тој ги презентираше деталите во однос на тимот од здравствени работници кој работеше на трансплантацијата на срце.
– Во трансплантацијата на срце учествуваа тимови од Државната кардиохирургија предводени од проф. Сашко Јовев и од приватната болница Жан Митрев, предводени од академик Митрев, како и анестезиолозите од КАРИЛ на чело со др Маја Мојсова, Националниот координатор за трансплантација, информираше Филипче.