Откако се зголеми бројот на нови случаи на заразени со делта варијантата на Ковид-19 во Индонезија, претседателот Јоко Видодо денеска најави построги органичувања со цел да се спречи ширењето на вирусот. Новите мерки ќе се применуваат од 3 до 20 јули на густо населените острови Јава и Бали, објавија странските медиуми.
Новите мерки вклучуваат барање до оние кои работат во несуштински сектори да ги извршуваат своите работни обврски целосно од дома. Училиштата, трговските центри, парковите и центрите за забава ќе се затворат, додека рестораните ќе можат да служат храна само за носење.
Индонезиското медицинско здружение, пак, соопшти дека здравствениот систем на островот Јава е речиси пред колапс, а многу болници ги одбиваат пациентите.
– Ситуацијата нè принуди да преземеме построги мерки за да можеме да го спречиме ширењето на Ковид-19, истакна шефот на државата, додавајќи дека деталите ќе бидат објавени во текот на денот.
Меѓународната федерација на Црвениот крст (IFRC) во вторникот предупреди дека Индонезија е на работ на катастрофа на Ковид-19, поради ширењето на многу заразната делта мутација на коронавирусот во таа земја.