Летото и високите температури често предизвикуваат дехидратација на организмот па затоа многу е важно каква храна внесуваме секојдневно. Бидејќи нашето тело вообичаено во летните месеци се соочува со недостаток на течности, овошјето и зеленчукот се вистинскиот избор кога станува збор за храна.

Овошјето и  зеленчукот имаат мала калорична вредност, содржат висок процент на вода во својот состав, многу минерални материи и витамини кои му се неопходни на организмот во овој период од годината за да се задржи виталноста на организмот и да се надополни изгубената течност при потење, а со тоа и  да се намали чувството на жед. Најдобро е да се консумира во сурова состојба или кратко обарено ако е потребно. Свежо направени сокови од овошје или од зеленчукот се многу корисни и се препорачуваат за сите возрасти, особено за децата.

Освен овошје и зеленчук во лето лекарите препорачуваат и бела риба, млечни или овошно млечни напитоци, варено или печено месо без многу маснотии, чорби, супи и друг вид варена храна. Исто така се препорачува и консумирање на интегрални жита кои се богати со нутриенти како железо, магнезиум, селен, витамини од Б групата и влакна. Користењето интегрални жита во исхраната помага во задоволување на потребите од нутриенти, а внесувањето интегрални жита со висока содржина на влакна има дополнителни поволни здравствени ефекти.