Од Министерството за здравство информираат дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид 19. По направените анкети со пациентите утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани. Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој 8-9 дена откако појавил симптоми на Ковид 19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација. Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот, велат од Министерството за здравство.
Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од Ковид 19. Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од Ковид 19.