Министерот за здравство Венко Филипче вчера потенцираше дека ситуацијата со коровирусот во земјава е стабилна и нема потреба од дополнителни рестриктивни и мерки за заштита. Според него, вакцинацијата треба да биде фокусот, а не да живееме во рестрикции.
– Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме дека и Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно, посочи Филипче.
Тој најави и дека од понеделник ќе започне теренската вакцинација и вакцинирање на граѓани без закажување. Во однос на мутациите потенцираше дека сите вируси, особено РНК вирусите многу мутираат и оти може да се очекуваат и нови мутации освен постојните.
Министерот Филипче посочи и дека според информациите со кои располага, во лабораториите во земјава не е секвенциониран нов случај на делта сој на коронавирус освен постојните. Но, рече, од МАНУ го информирале дека има четири случаи кои треба да бидат секвенционирани, а се суспектни на јужноафриканскиот сој.
Вчера во земјава пристигна и донација од 100.000 вакцини на производителот „Астра Зенека“ од Република Грција. Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети се за лица над 60 години согласно нашата стратегија за вакцинација, објави Филипче на својот фејсбук профил.