Одлуката што ја донесе владата непосредно пред Нова година администрацијата да не работи им создаде главоболки на многумина. Најмногу почуствуваа граѓаните со хронични болести на кои им е потребна терапија.

Доколку влезете во аптека денес, аптекарот нема да може да ви ја реализира рецептата со образоложение Фондот за здравствено осигурување не работи и не функционира системот.

-Бев во аптека да си ја земам терапијата, а морам бидејќи некои лекови во кутиче имаат 28 таблети значи не го покриваат ниту цел месец. Матичната не може да ми препише две кутии зошто вели ќе и следи казна од Фондот. Но сега велат Фондот не работи не функционира системот бидејќи е почеток на годината и треба ажурирање, вели граѓанин кој го затекнавме како излегува од аптека.

Во аптеката пак велат дека може да дадат лек кој оди приватно или да си го купат, но не и преку Фонд.

Оттаму објаснуваат дека на почеток на годината се прави ажирурање, но дека тоа не е можно зошто денес Фондот не работи и системот ги отфрла рецептите како неважечки иако важат цел месец.

И одлуката за распределба на квотите за лекови по аптеките велат упатените не менува многу. Или според измените на некои аптеки им се намалени средствата за лекови од квота преку Фонд, а на некои се зголемени.

-Нема ново тука. На нас на пример квотата ни ја зголемија за три илјади денари. Што ќе направиме со тоа? На граѓаните ако им требаат некои  поскапи лекови кои чинат околу три или четири илјади денари  што можеме ние со тоа да набавиме една кутија плус?, прашуваат зачудено во една аптека.