На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 428.081 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 6.413 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9.335 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 676.620 дози вакцини, а ревакцинирани се 248.539 граѓани.
Со последните бројки 56 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
– Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, наведуваат од Министерството.
Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Голем е интересот за вакцинација без закажан термин. Со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица кои сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во здравствените домови низ државата. Веб страницата vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација на децата, информираат од Министерството.