Пораст на бројот на заболени со Ковид-19 е забележан и во Грција. По пауза од два месеци повторно се регистрирани над 3.000 нови случаи, поконкретно вкупно 3.109, а починаа четири лица. Последен пат, над 3.000 новозаразени имаше на 11 мај годинава. Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, од новите случаи 24 се увезени, од кои 11 откриени на влезните точки во земјата, а повторно најголемиот број, повеќе од половина (1.571) се во регионот Атика, поширокиот регион на Атина, а 214 се во Солун.

Освен новите случаи, зголемен е бројот и на хоспитализирани лица, за 31,76 % во споредба со завчера, додека, пак, 133 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници. Од почетокот на пандемијата во Грција има потврдени 444.783 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 12.806 лица.

Вакцинацијата, како што завчера најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ќе биде задолжителна за вработените во центрите за грижа и за здравствените работници. Задолжителната вакцинација се однесува на целиот персонал, на здравствениот и административниот, а за прием во центрите за кои важат одлуките, предуслов е завршената имунизација.

Од друга страна, преку специјалната апликација „Covid free“, сопствениците на ноќните клубови, кафулињата и други угостителски објекти во Грција ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација или прележан Ковид-19 на гостите, кои ќе бидат задолжителни за внатрешните делови, каде што дозволено е само седење, согласно новите одлуки на грчката Влада што од петок 16 јули стапуваат во сила и ќе важат до 31 август.