Состојбата со коронавирусот во Гостивар се влошува. Само денеска беа регистрирани 99 нови заболени, а бројот на активни случаи се искачи на 467. Влошената епидемиолошка состојба во градот упатените ја толкуваат со непочитување на заштитните мерки, со оглед дека најголемиот број на новоинфицирани се од семејни кластери и прослави.
Од Министерството за здравство информираат дека во последниве 24 часа е регистрано едно починато лице на возраст од 58 години, а 2 лица се оздравени.
Зголемениот број новозаболени го потврдува и медицинскиот персонал во гостиварската болница. Раководителот на инфективното одделението д-р Ратко Наумоски вели дека нагло е пораснат и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Одделението е речиси полно и се планира повторно отварање и прием на болни во модуларната болница.