Запрена е градбата на трите модуларни амбуланти, кои требаше да ги заменат дотрајаните и руинирани бараки во главниот град. Теренската работа е запрена не само во Ѓорче Петров, туку и во Ново Лисиче и Бутел. Обезбедувањето вели дека има таква наредба.
– Замената на времените објекти од амбулантно-поликлиничка дејност, се одвиваат согласно планираните активности. По согледувањето од стручниот надзор, а во врска активностите на терен се работи на дообезбедување на инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес. Притоа сакаме да напоменеме дека рокот за реализација изнесува 60 дена, односно два месеца, се вели одговорот од Министерството за здравство.
Премиерот порача дека во иднина ќе се испитуваат ваквите објекти бидејќи се работи за сензитивно прашање.
– И оваа трагедија има поуки, се прават дополнителни контроли на сите модуларни болници низ земјава, и веројатно долг период пред нас ќе бидат предмет на испитување на ваквите болници. Тоа се болници за згрижување на пациент, рече премиерот Зоран Заев.
Лидерот на опозицијата повторно побара конкретна одговорност за трагедијата во Тетово.
– Со набавката направена од Министерството за здравство се бара монтажните болници – контејнери да бидат составени од ѕидни и кровни (PUR) панели кои се најслабо огноотпорни. Никаде не се бара да се достави атест од произведувач на било кој материјал што е вграден во модуларниве болници. Нема никаде дека обврзувачко е во самите објекти да има и планови за евакуација. Сето ова ја надминува моралната одговорност. Потребна е објективна истрага, ослободена од Заев, Филипче и Хасани. Затоа оставки!” , напиша Христијан Мицкоски на Фејсбук.