Два случаи на Делта плус, новата варијанта на Ковид-19 се потврдени на Кипар, по анализите на позитивните случаи за периодот септември- октомври, пренесуваат грчките медиуми. Од Министерството за здравство на Кипар соопштија дека од 279 анализирани примероци, кај сите била потврдена варијантата Делта, а при дополнителна анализа биле откриени случаите на Делта плус.
– Иако карактеристиките на мутацијата Делта плус (AY.4.2) покажуваат дека ја зголемува преносливоста на вирусот, нивното откривање на Кипар, во оваа фаза, не предизвика сериозно влошување на епидемиолошките и болничките индикатори, соопшти Министерството за здравство на Кипар, додавајќи дека внимателно го следат прашањето за новите варијанти на вирусот.
Според светските медиуми, Делта плус сојот го има во Велика Британија, а мал број случаи се регистрирани и во Данска, Германија, САД, Израел и во Русија.