Вработените во ЈЗУ Здравствен дом Гостивар на кратко ја прекинаа работата и на протест искажаа револт од неисплатената плата за декември. Проблемот, како што со посочија е што нема кој да ги потпише налози, бидејќи се чека назначување на нов директор.

-Иако сите колеги низ републиката ги добија платите, нам за декември сé уште не ни е исплатена. Требааше до 10 јануари, а со ова сите рокови се пробиени. Проблемот е во тоа што не е донесена одлука и министерот за здравство нема назначено нов, иако огласот е завршен. Упатуваме апел до надлежните во ресорното министерство да најдат начин и во најкус можен рок да го реши проблемот. Во спротивно ќе преземеме порадикални мерки, рече претставникот на вработените Сафије Точи.

Дел од вработените на протестот посочија дека заради доцнењето на исплатата на декемвриската плата имаат проблеми со банките, бидејќи имаат подигнато кредити и веќе им течат казнени камати.

На протестот се пожалија дека не ја добиле поддршката од синдикалната организација и им бил вршен притисок да не протестираат.

Под ЈЗУ Здравствен дом Гостивар се службите за итна помош, патронажа, лабораторија, спортска медицина, превентивна стоматологија и вработените во возниот парк со близу 160 вработени.