Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
– Согласно информацијата дозите за возрасните ќе почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тримесечје на 2022 година. Вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година, соопштија вчера од Владата.
Според последните информации, во државата е вакцинирано 48 отсто од полнолетното население. Надлежните апелираат за помасовна вакцинација, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на коронавирусот. Во државата сè уште не е регистриран случај на заразен со омикрон и сè уште е доминантна делта варијантата.
Во борбата против ковид, од компанијата „Фајзер“ очекуваат да помогне и нејзиниот лек „Паксловид“. Истражувањето на лекот на Фајзер против Ковид-19 потврди дека помага во спречување на сериозни болести. Во соопштението на компанијата се наведува дека антивирусниот лек во лабораториски услови бил ефикасен и против сојот омикрон.