Турската вакцина против Ковид-19, Турковак, е одобрена од турските власти за итна употреба и ќе почне да се користи од следниот викенд, изјави денеска министерот за здравство Фахретин Коџа.
Турција почна да ја развива вакцината Турковак оваа година, но нејзиното пуштање во употреба беше одложeно неколку пати. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција ќе ја направи вакцината достапна на светско ниво.
Турција веќе испорача над 125 милиони дози од кинеската вакцина Синовак и на Фајзер, при што повеќе од 51 милион луѓе примиле две дози. Земјата, исто така, започна со аплицирање на засилувачки дози. Коџа веста ја соопшти од фабрика во југоисточниот округ Шанлиурфа, каде што се произведува Турковак.
– Наскоро ќе почнеме со масовно производство на вакцината, истакна Коџа, додавајќи дека Турција ќе биде една од деветте земји кои развиле вакцина против коронавирусот.
Турција неодамна потврди околу 20.000 нови случаи на инфекција и околу 200 смртни случаи дневно од Ковид-19.